Светскиот ден на СИДА, кој од 1988 година се одбележува секоја година на 1 декември, е меѓународен ден посветен на подигнувањето на јавната свесност за ХИВ и СИДА, посебно истакнувајќи ги постигнатите достигнувања во превенцијата на ХИВ-инфекцијата, но и достапноста на антиретровирусна терапија со чие навремено почнување и редовно земање се очекува повеќето луѓе да имаат просечно долг и квалитетен живот како и луѓето кои немаат ХИВ. Покрај сеќавањето на оние кои ја изгубиле битката со ХИВ, воедно се изразува солидарност со и поддршка на луѓето што живеат со ХИВ. Симболот за свесност и поддршка е црвената панделка.
ХИВ останува огромен проблем во јавното здравје што погаѓа милиони луѓе во светот.
Иако светот има остварено значителен напредок во последните децении, сепак не беа исполнети зацртаните цели до крајот на 2020 г. – 90% од сите луѓе во светот што живеат со ХИВ да го знаат својот ХИВ-статус, 90% од сите луѓе со дијагностицирана ХИВ-инфекција да примаат континуирана антиретровирусна терапија и 90% од сите луѓе што примаат антиретровирусна терапија да имаат вирусна супресија (недетектибилно вирусно оптоварување) – велат од Светската здравствена организација (СЗО).
Поделеноста, нееднаквоста и непочитувањето на човековите права се меѓу неуспесите што дозволија ХИВ да стане и остане глобална здравствена криза. Сега, COVID-19 дотолку повеќе ги влошува нееднаквостите и нарушувањата на услугите, правејќи ги животите на многу луѓе што живеат со ХИВ уште поголем предизвик.
Темата на овогодишниот Светски ден на СИДА е „Да ставиме крај на нееднаквостите и СИДА-та“. Со посебен фокус на допирањето до луѓето што се изоставени, Светската здравствена организација и нејзините партнери ги истакнуваат растечките нееднаквости во пристапот до есенцијалните услуги за ХИВ.
На овој Светски ден на СИДА, да ги потсетиме нашите влади дека глобалните нееднаквости нѐ погодуваат сите нас, без разлика кои сме и од каде сме. На овој Светски ден на СИДА, да побараме акција за ставање крај на еднаквостите и ставање крај на СИДА-та и сите други пандемии што напредуваат како резултат на нееднаквостите – порачуваат од Заедничката програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА (UNAIDS) кои заедно со СЗО ќе го одбележат денот со онлајн настан.
Од ХИВ досега починале околу 36.3 милиони луѓе (27.2–47.8 милиони). За ХИВ-инфекцијата нема лек. Сепак, со зголемениот пристап до ефективна превенција, дијагностика, третман и нега за ХИВ, вклучително и за опортунистички инфекции, ХИВ-инфекцијата стана хронична здравствена состојба што може да се контролира, овозможувајќи им на луѓето што живеат со ХИВ да водат долги и здрави животи.
Се проценува дека на крајот од 2020 г. имало 37.7 милиони (30.2–45.1 милиони) луѓе што живеат со ХИВ, а преку две третини од нив (25.4 милиони) се во африканскиот регион на СЗО. Во 2020 г, 680 000 (480 000–1.0 милион) луѓе починале од компликации поврзани со ХИВ, а 1.5 милион (1.0–2.0 милиони) се здобиле со ХИВ.
За да се постигнат новите предложени глобални цели 95-95-95 до 2030 година (95% од луѓето што живеат со ХИВ да бидат дијагностицирани, 95% од дијагностицираните да примаат антиретровирусна терапија и 95% од третираните да имаат недетектабилно вирусно оптоварување) поставени од страна на UNAIDS, ќе треба да се удвојат напорите за да се избегне најлошото сценарио што предвидува 7.7 милиони смртни случаи од компликации поврзани со ХИВ во текот на следните 10 години, и зголемување на ХИВ-инфекциите како резултат на прекините во услугите за ХИВ за време на COVID-19 и успорувањето на одговорот на ХИВ на јавното здравство.