Премини на содржината

Дали постои ризик во врските на партнери со различен ХИВ-статус?

Кај паровите во кои партнерите имаат различен ХИВ статус најчесто се води грижа за ризикот од ХИВ-инфекција и психолошкиот притисок. Но, благодарение на современите достапни третмани и лекови, многу парови своите врски можат да ги сметаат за безбедни. Ова го потврдуваат повеќе истражувања, меѓу кои и истражувањето на д-р Стивен Филпот од Сиднеј, кој укажува на комплексноста во врските од различни фактори. ХИВ-инфекцијата кај овие парови е сосема незначајна кај најголем дел од ваквите парови, особено во сигурни и безбедни простори како нивните домови. Предизвици за живеењето со ХИВ се јавуваат најчесто во јавниот и социјалниот аспект од животот на овие парови, предизвикани од стигма и дискриминација од околината, пренесува интернет порталот aidsmap.

Учесниците во истражувањето на д-р Филпот тврдат дека имаат различни искуства поврзани со ХИВ во зависност од тоа дали се дома или надвор. Според учесниците, домот е простор кој нуди позната, безбедна и заштитувачка енергија која им овозможува нормален тек на животот во кој ХИВ не игра речиси никаква улога во секојдневието. Партнерите кои се на соодветна терапија за ХИВ, која помага за постигнување и одржување на недетектибилно вирусно оптоварување, можат да имаат безбеден секс и без кондоми. При недетектибилно вирусно оптоварување не постои можност ХИВ да се пренесе од партнерот со ХИВ на другиот партнер.

Живеењето со ХИВ станува „дел од животот“, како и секоја друга здравствена состојба за чие менаџирање е потребно лекови, како на пример дијабетес. За тоа говори и изјавата на еден од испитаниците од истражувањето, кој вели дека ХИВ нема потреба да биде секојдневна тема на разговор, исто како кога некој што има висок крвен притисок и зема лекарства за да го регулира, не би зборувал секој ден за тоа.

Со други зборови, ова истражување покажува дека во врските на партнери со различен ХИВ статус, најважна е поддршката, односот и навиките кои партнерите ги развиваат меѓу себе, додека ХИВ останува на периферијата од нивните животи и не претставува посебен ризик.

Споделете на...