Во 2016 година, Обединетите нации усвоија Политичка декларација за ставање крај на ХИВ/СИДА со која беше поставена целта 90-90-90 со која земјите-членки се обврзаа до крајот на 2020 година да се стави под контрола епидемијата со ХИВ во светот.
Целта 90-90-90 предвидува дека до крајот на 2020 година, 90 отсто од луѓето кои живеат со ХИВ ќе го знаат својот статус, 90 отсто од нив ќе добиваат третман и антиретровирусна терапија за ХИВ и 90 отсто од луѓето со ХИВ на терапија ќе имаат постигнато вирусна супресија (недетектибилно вирусно оптоварување). На овој начин, луѓето со ХИВ ќе имаат здрав живот и не можат да го пренесуваат вирусот понатаму.
Сепак, глобално се постигнати значителни резултати во однос на каскадата на третман и тестирање за ХИВ. На крајот од 2019 година, 81 отсто од луѓето кои живеат со ХИВ го знаеле својот статус и повеќе од две третини (67 отсто) биле на антиретровирусна терапија, што е еднакво на околу 25,4 милиони. Вкупната бројка на луѓе со ХИВ е проценета на 38 милиони луѓе што е трикратно зголемена споредено со 2010 година.
Придобивките од ефективноста и ефикасноста на третманот на ХИВ се согледува во фактот дека супресијата на вирусот (вирусното оптоварување) бележи зголемување за 18 отсто помеѓу 2015 и 2019 година. Во 2019 година речиси 59 отсто од вкупниот број на луѓе кои живеат со ХИВ имале супримирано вирусно оптоварување. Сепак, за да се постигнат целите 90-90-90 до 2020, потребно е минимум 73 отсто од вкупниот број на луѓе кои живеат со ХИВ да имаат супримирано вирусно оптоварување.