Премини на содржината
брз и бесплатен

ХИВ-тест

Тестирање за ХИВ

Тестирањето и советувањето за ХИВ е бесплатно и доверливо и се спроведува од обучени советувачи и медицинско лице – лаборант. ХИВ-тестот е брз и се прави со земање капиларен крвен примерок од прст, а резултатот се добива за само 30 минути. Услугата е достапна во просториите на ЕГАЛ од понеделник до петок, од 16 до 20 часот. Повеќе информации за сервисот можеш да добиеш преку нашите канали на социјалните мрежи, на електронска пошта или на телефон.

Како да го дознаеш својот ХИВ-статус?

ХИВ-тестот е единствениот начин да дознаеш дали си ХИВ-позитивен или ХИВ-негативен. Најдобро е тестот да го направиш штом поминат три месеци од ситуацијата кога си можел да бидеш изложен на ХИВ. Доколку се направи тестот прерано, твојот резултат може да биде лажно негативен. Тоа е затоа што, за да може тестот да открие присуство на специфични антитела на ХИВ, твојот организам треба да ги има создадено во доволно количество, а кај некои луѓе потребни се и до три месеци за да се создадат доволно антитела што тестот ќе може да ги детектира.

Кога треба да направиш ХИВ-тест?

Ако си геј или би маж, или едноставно имаш секс со други мажи, независно дали редовно користиш заштита, добро е да направиш ХИВ-тест најмалку еднаш годишно. Доколку не си доследен во користењето кондом и лубрикант при секој сексуален однос, добро е да правиш тест и почесто, на пример на секои три месеци. На тој начин, дури и во случај да се инфицираш со ХИВ, може рано да откриеш и да го ставиш вирусот под контрола со помош на терапија.

Колку долго може да се живее со ХИВ?

Да се живее со ХИВ денес е многу различно од она што било пред 30 години. Денес ХИВ се споредува со хронична болест, како што е дијабетот или срцевото заболување, односно состојби што може успешно да се менаџираат со помош на терапија. Со навремено почнување и редовно земање на терапијата се очекува дека повеќето луѓе можат да имаат просечно долг и квалитетен живот како и луѓето кои немаат ХИВ. Животот со ХИВ не ја исклучува среќата, долговечноста, здравјето, имањето постојани партнери, како и деца и семејство. Научни студии покажуваат дека очекуваното траење на животот на луѓето со ХИВ кои рано почнуваат со терапија и редовно ја земаат е речиси еднакво со она кај останатите. ХИВ нѐ засега сите нас, без разлика на нашата сексуална ориенација! Затоа е многу важно да се преземат сите мерки за превенција и да се практикува редовно тестирање за ХИВ.

Како се пренесува ХИВ?

Може да биде пренесен само преку овие пет телесни течности: крв, семена течност (сперма), претсемена течност, вагинален секрет и мајчино млеко. ХИВ не може да се пренесе преку допир (вклучувајќи и допир на половите органи без пенетрација), гушкање, бакнување (вклучувајќи и длабоко и страсно бакнување), користење ист прибор за јадење и пиење, користење ист тоалет, заедничко капење во када или базен, разменување облека и слично.

Како да се заштитиш?

Кондомите се најлесно достапен и паметен избор за намалување на ризикот од ХИВ-инфекција.

Кондомот делува како бариера или ѕид којшто не дозволува крвта, семената течност или вагиналната течност да преминат од едниот на другиот партнер во текот на сексуалниот однос. Најголемиот број експерти во светот тврдат дека ризикот од ХИВ-инфекција е максимално намален доколку кондомот се користи правилно.

Што се ПрЕП и ПЕП?

Покрај кондомот, постојат уште два важни начини на превенција на ХИВ што ги користат ХИВ-негативните лица, познати како ПрЕП и ПЕП. ПрЕП е заштита во форма на таблета што се зема пред да бидеме изложени на ХИВ. ПЕП е заштита што се зема откако сме биле изложени на висок ризик од ХИВ. Тоа се антиретровирусни лекови што се земаат веднаш по ризикот во тек на еден месец и можат да спречат да се развие ХИВ-инфекцијата.

Штотуку дозна дека имаш ХИВ?

Со самото дознавање дека имаш ХИВ, веќе го имаш направено најважниот чекор! Откривањето на инфекцијата е предуслов да почнеш со терапија што порано, а со тоа твојот живот може да биде здрав, квалитетен и долг. Во нашата земја ти се достапни соодветна здравствена грижа, современа терапија и психосоцијална поддршка.

Има ли лекови за ХИВ?

Терапијата за ХИВ-инфекцијата се состои од таблети и се нарекува антиретровирусна терапија или скратено АРТ. Овие лекови се достапни и целосно бесплатни во нашата земја. АРТ го спречува размножувањето на ХИВ и го намалува неговото количество во крвта до немерливи вредности. АРТ ти овозможува да живееш квалитетно и долго, да бидеш работоспособен и да се грижиш за своите блиски. Кога се зема редовно, АРТ оневозможува да го пренесеш вирусот на твојот партнер по сексуален пат (ова е познато како ‘терапијата како превенција’).

Терапијата како превенција?

Терапијата за ХИВ е истовремено и превенција, покрај кондомите, ПрЕП и ПЕП. Научно докажано е дека кога вирусот е потиснат до недетектабилно ниво, тој не може да се пренесе по сексуален пат.

Во случајот со ХИВ, НЕДЕТЕКТАБИЛНО = НЕПРЕНОСЛИВО! Лицата со ХИВ што примаат антиретровирусна терапија и одржуваат немерливо низок број копии на вирусот во крвта во текот на најмалку шест месеци не може да го пренесат вирусот при незаштитен сексуален однос со ХИВ-негативен партнер.

имаш прашање за нас?

Контактирај нѐ!