Премини на содржината
запознај нѐ

За нас

Визија

Здружението сака во Северна Македонија да создаде општество во кое сите лица, без разлика на нивната сексуална ориентација и сексуално однесување, односно родов идентитет и родово изразување, ќе можат слободно да ја изразуваат својата сексуалност и својот родов идентитет, без осуда, стигматизација или дискриминација.

Мисија

Здружението се стреми, на општествено ниво да им овозможи, а на лично ниво да им помогне на сите лица, без разлика на нивната сексуална ориентација и сексуално однесување, односно родов идентитет и родово изразување, да ги остварат своите основни човекови права и слободи.

Партнери

 
Министерство за здравство
ХЕРА
Коалиција Маргини
Заедно посилни
СТАР-СТАР
ХОПС
ЛГБТИ Јунајтед
Квир Центар
Хелсиншки комитет за човекови права
Здружение „Доверба“
 

Здружението за сексуално здравје и права ЕГАЛ од Скопје е невладина, непартиска и непрофитна организација која работи на превенција од вирусот причинител на имунитетски недостаток кај човекот (ХИВ) и сексуално преносливите инфекции (СПИ), со фокус на популацијата мажи коишто имаат секс со мажи (МСМ)

Краток историјат

Здружението за сексуално здравје и права ЕГАЛ од Скопје е невладина организација основана на 03.11.2003 година, а започна со работа на 13.02.2004 година.

Мисијата на ЕГАЛ е да го подобри сексуалнато здравје и културата на живеење на ЛГБТ+ популацијата во РСМ. ЕГАЛ работи на полето на превенција од ХИВ и СПИ кај МСМ популацијата. Покрај превентивните методи од областа на ХИВ, во текот на изминатите години се спроведени 5 студии за биобихевиорално однесување на МСМ популација со различен пристап и методологија, 12 филмски фестивали „Ѕуница“ (еднаш годишно) беа организирани за зајакнување на ЛГБТ+ заедницата во РСМ и за подигнување на нивната култура на живеење. Направени беа истражувања за приоритетните потреби на ЛГБТ+ заедницата во 2005 година спроведени во соработка со СОС Холандија и во 2018 година во соработка со ЕКОМ – Евроазиска коалиција за машко здравје.

Од 2017 година, ЕГАЛ работи на проект од Министерство за здравство за превенција од ХИВ меѓу популацијата мажи коишто имаат секс со мажи во нашата држава.

ЕГАЛ работи во три сектори и тоа:
– сектор за здравје;
– сектор за кулура;
– сектор за истражување.

ЧЛЕНСТВО: ЕГАЛ е организација-членка на: ММНШ (Македонска мрежа за намалување на штети); ЕРА (Асоцијација за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција); НКМ (Национален координативен механизам за ХИВ превенција на РСМ); ЕКОМ (Евроазиска коалиција за машко здравје); Мултисекторската група на Националниот координативен механизам за управување со Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија како претставник на граѓанскиот сектор; НМХТ (Национална мрежа против хомофобија и трансфобија) и во Управниот одбор на „Коалиција Маргини“.

ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАИ

имаш прашање за нас?

Контактирај нѐ!

Цели

Здружението настојува да ги заштити сите лица, без разлика на нивната сексуална ориентација и сексуално однесување, односно родов идентитет и родово изразување, од сексуално преносливите инфекции, така што ќе им овозможи непречен и еднаков пристап до:

  • современи, навремени и научно поткрепени информации;
  • стручни, квалитетни и доверливи услуги за спречување и лекување на вирусот причинител на имунитетски недостаток кај човекот (ХИВ), синдромот на стекнат имунитетски недостаток (СИДА) и другите сексуално преносливи инфекции и состојбите предизвикани од нив;
  • сеопфатно советување, образование и поинаква поддршка за остварување на своите сексуални и репродуктивни права и постигнување на добро сексуално и репродуктивно здравје; и
  • секаква друга помош потребна за сите лица, без разлика на нивната сексуална ориентација и сексуално однесување, односно родов идентитет и родово изразување, да постигнат и одржат високо ниво на добра општа здравствена состојба.

Здружението тежнее да создава и приредува културни содржини коишто го одразуваат животот на нехетеросексуалните, односно нецисродовите заедници, и ја прикажуваат нивната локална и глобална борба за остварување на своите права (ЛГБТИК+ културата, односно, квир-културата), во намера тие:

  • да го збогатат квалитетот на својот живот;
  • да го подигнат степенот на својата самодоверба и самопочит; и
  • да ја зацврстат и оснажат својата заедница во земјата.

Здружението се залага, преку своето проширено и вкрстено делување, да им го подобри квалитетот на животот и на:

  • мажи коишто имаат секс со мажи;
  • лица коишто живеат со ХИВ, СИДА, други сексуално преносливи инфекции и состојбите предизвикани од нив;
  • сексуални работници;
  • корисници на дрога и алкохол, и зависници од дрога и алкохол;
  • лица со сетилна, физичка или интелектуална попреченост;
  • Роми и други етнички малцинства;
  • жени и деца;
  • жртви и сторители на семејно насилство;
  • самохрани родители;
  • долгорочно невработени лица;
  • стари лица;
  • сиромашни лица;
  • бездомници;
  • лица во судир со законот, поранешни затвореници;
  • баратели на азил, мигранти, бегалци; како и
  • сите други категории маргинализирани, дискриминирани или поинаку социјално исклучени лица.

Своите цели Здружението ги остварува во соработка со сите релевантни субјекти од:

  • централната и локалната власт;
  • деловниот сектор;
  • граѓанското општество; и
  • донаторската заедница.

Дејности

Здружението ги презема сите потребни дејности за да ги постигне своите цели и да ја оствари својата мисија.

Секоја поединечна дејност и севкупното делување на Здружението мора да се во насока на унапредување на граѓанското општество и демократијата, и остварување на човековите права и слободи на сите лица, без разлика на нивната сексуална ориентација и сексуално однесување, односно родов идентитет и родово изразување, а особено на маргинализираните, дискриминираните или поинаку социјално исклучените лица.

Меѓу другото, Здружението се занимава со:

  • истражување: собирање, обработување и анализирање податоци и пишување извештаи за наодите;
  • подигање на јавната свест: осмислување, изработување и растурање на информативни и едукативни материјали, преку нивно издавање во печатен облик или објавување во електронски облик;
  • давање услуги: обезбедување стручни, доброволни и доверливи здравствени, социјални и правни услуги, или упатување до здравствените установи специјализирани за сексуалното и репродуктивното здравје;
  • застапување: подобрување на постојните или воведување на нови закони и подзаконски акти, како и на национални и локални стратегии, програми и акциски планови;
  • оснажување преку културно делување: осмислување и приредување на културни содржини за промовирање на културата на нехетеросексуалните, односно нецисродовите заедници (ЛГБТИК+ културата, односно квир-културата);
  • обучување: стручно усовршување и градење капацитети на сите стручни работници и установи кои, по службена должност, се одговорни за подобрување на квалитетот на животот на сите лица, без разлика на нивната сексуална ориентација и сексуално однесување, односно родов идентитет и родово изразување, меѓу кои и претставници на:
    • централната и локалната власт,
    • граѓанското општество,
    • секторот на здравствена заштита,
    • секторот на социјална заштита,
    • секторот за спроведување на законот, и
    • правосудството.