Теренска работа
Има за цел да го олесни пристапот до и да понуди повеќе информации за достапните услуги кај нас.
Теренските работници секојдневно се на терен, на места каде што најчесто циркулира популацијата на МСМ. Кај теренските работници можеш да добиеш информации за нашите сервиси, како и да подигнеш бесплатни кондоми, лубриканти и едукативни материјали од превентивната програма за ХИВ. Исто така, со теренските работници можеш да се посоветуваш како да го намалиш своето ризично сексуално однесување и за можноста да направиш ХИВ-тест во центарот за сервиси на ЕГАЛ или во мобилната единица (соодветно опремено комбе) за тестирање за ХИВ на терен.
Теренските активности се одвиваат на неколку локации каде што најчесто циркулира популацијата на МСМ, и тоа во Скопје, Охрид, Струга, Тетово, Гостивар, Штип и Струмица, во различни временски периоди во текот на денот.
Контактирај нѐ за повеќе информации за локациите и времето за теренска работа и контакт со теренски работник.
Кондомите се најлесно достапен и паметен избор за намалување на ризикот од ХИВ-инфекција. Кондомот делува како бариера или ѕид којшто не дозволува крвта, семената течност или вагиналната течност да преминат од едниот на другиот партнер во текот на сексуалниот однос. Најголемиот број експерти во светот тврдат дека ризикот од ХИВ-инфекција е максимално намален доколку кондомот се користи правилно. Кондомот е основна потреба на современиот живот. Нема никакви споредни и несакани ефекти и е единствено средство кое помага во превенцијата на сексуално преносливи инфекции, вклучително и ХИВ. Едноставен е за употреба и овозможува безбеден секс. Не е потребен рецепт и не мора да одиш на лекар. Секогаш со себе носи барем еден кондом – никогаш не се знае. Во центарот за сервиси на ЕГАЛ и кај нашите теренски работници можеш да подигнеш бесплатни кондоми, лубриканти и едукативни материјали за заштита од ХИВ. Контактирај нѐ за повеќе инфо.