Премини на содржината

Оглас за избор на извршен директор

Согласно член 24, а во врска со член 27 став (4) од Статутот на Здружението на граѓани ЕГАЛ, Управниот одбор, на својот состанок одржан на 24.12.2020 година, донесе одлука да се распише следниов

ОГЛАС

за избор на Извршен директор на Здружението на граѓани ЕГАЛ


Дел I: ОПИС НА РАБОТНОТО МЕСТО

Цел

Со ова се распишува оглас за избор на Извршен директор на Здружението на граѓани ЕГАЛ.

Задача

Извршниот директор ја уредува и раководи работата на Извршната канцеларија, чија основна задача е да работи врз донаторски проекти: да изнаоѓа донатори; да пишува и поднесува предлог-проекти; да ги спроведува доделените проекти; и согласно нивните барања, да доставува работни и финансиски извештаи до Управниот одбор и Собранието, до донаторите, како и до надлежните органи на Република Северна Македонија.

Права

Извршниот директор е законски застапник на Здружението и потписник на банковната сметка на Здружението.

Извршниот директор има потполна слобода да го одреди обемот и да го избере составот на Извршната канцеларија, и за таа цел може: да основа работни тела од редовите на членството; да ангажира надворешни волонтери; да вработува надворешни стручни лица.

Обврски

Извршниот директор е должен да го почитува Статутот на Здружението, а изборот на проектите коишто ќе ги пишува и доставува на одобрување до потенцијалните донатори да го усогласи со визијата, мисијата и целите на Здружението.

Извршниот директор е должен работата на сите членови на Извршната канцеларија да ја уреди со сите потребни договори и сродни документи, согласно закон.

Извршниот директор е должен да го организира спроведувањето на сите активности предвидени со доделените проекти, а расходите за работата на Извршната канцеларија да ги одржи во рамките на одобрените проектни буџети.

Активности

Општо, Извршниот директор, меѓу другото: презема мерки и дејствија во име и за сметка на Здружението; се грижи за правилната примена на законските прописи од областа на дејностите што ги врши Здружението; го следи и контролира административното, програмското и финансиското работење на Здружението и за истото редовно го известува Управниот одбор; го организира и координира внатрешното сметководствено и книговодствено работење во Здружението; ги пишува или го раководи пишувањето на Годишниот работен извештај, Годишниот финансиски извештај, Годишната работна програма и Годишниот финансиски план за потребите на Собранието на Здружението; ги пишува или го раководи пишувањето на сите други работни извештаи, финансиски извештаи, оперативни планови, буџети и сл. на барање на донаторските агенции, следејќи ги нивните упатства за пишување на истите; ги подготвува и доставува до надлежните органи на Република Северна Македонија сите акти за работењето на Здружението што се бараат согласно закон; ја уредува и раководи работата врз конкретните донаторски проекти; ја надзира работата на основаните работни тела, ангажираните волонтери и вработените стручни лица; изнаоѓа извори за финансирање на работата на Здружението; изнаоѓа можности за градење на капацитети на Здружението; го претставува и промовира Здружението и ги застапува неговите цели и интереси пред трети страни; ги потпишува актите за соработка со други домашни или странски правни лица, со одобрување и по налог на Управниот одбор или Собранието; и врши и други сродни работи предвидени со Статутот и со закон.

Конкретно, активностите се одредуваат според барањата на доделените донаторски проекти.

Времетраење и работно време

Доколку буџетската рамка на доделените донаторски проекти го дозволува тоа, Извршниот директор се поставува на неопределен период, со полно работно време.

Плата

По договор, во согласност со буџетската рамка на доделените донаторски проекти.

Дел II: КРИТЕРИУМИ

Критериуми

Кандидатите што ќе се пријават за вршење на функцијата Извршен директор на Здружението мора да имаат:

  • државјанство на Република Северна Македонија;
  • завршено најмалку средно формално образование;
  • завршено најмалку 60 дена вкупно дополнително неформално образование (обуки, работилници, семинари итн.) во областите на делување на Здружението;
  • одлично познавање на англискиот јазик;
  • одлична оспособеност за работа со компјутери (MS Office и др.);
  • најмалку 12 години вкупно работно искуство;
  • најмалку 6 години работно искуство во областите на делување на Здружението; и
  • одлично познавање на граѓанското општество во државата, и на билатералната и меѓународната донаторска заедница, особено во областите на делување на Здружението.

Дел III: ИЗБОР

Начин

Управниот одбор на Здружението со бодување ги оценува сите пријавени кандидати и за вршител на функцијата Извршен директор го избира кандидатот со најмногу освоени бодови.

Во предвид се земаат само кандидати кои се државјани на Република Северна Македонија.

Бодувањето се врши по основ на доставените биографии и личен разговор со кандидатите.

На разговор ќе бидат поканети само оние кандидати кои ќе освојат најмалку 60 бода при првичното бодување по основ на доставените биографии.

Секој кандидат има право на увид во неговото бодување.

Бодување

Првично бодување по основ на доставените биографии: најмногу 80 бода, и тоа:

  • соодветност на формалното образование: 1-5 бода;
  • соодветност на дополнителното неформално образование: 1-15 бода;
  • познавање на англискиот јазик: 1-5 бода;
  • оспособеност за работа со компјутери: 1-5 бода;
  • соодветност на работното искуство: 1-30 бода; и
  • познавање на граѓанското општество и донаторската заедница: 1-20 бода.

Дополнително бодување по основ на личен разговор: најмногу 20 бода.

Вкупно бодови: најмногу 100.

Во случај на релативно изедначени бодови, предност ќе добие кандидатот којшто е сегашен или поранешен член на ЕГАЛ или на некое друго граѓанско здружение кое делува во исти, слични или сродни области на делување со областите на делување на Здружението.

Дел IV: ПРИЈАВУВАЊЕ

Објавување

Огласот ќе се објави на интернет страницата на Здружението, во понеделник, 28.12.2020 година, најдоцна до 15 часот, а ќе се избрише по истекот на рокот за пријавување.

Потребни документи

За да се пријави на огласот, кандидатот мора да достави:

  • кратка биографија; и
  • доказ за државјанство.

Пријавување

Потребните документи се доставуваат електронски (Word, PDF, JPG и сл.) на е-адресата на Здружението: .

Во полето „Предмет“ на е-пораката задолжително да се наведе: Пријава за Извршен директор.

Рокови

Кандидатите може да се пријават најдоцна до понеделник, 04.01.2021 година, 15 часот.

Кандидатите ќе бидат известени за исходот од првичното бодување најдоцна до понеделник, 11.01.2021 година, 15 часот.

Квалификуваните кандидатите ќе бидат поканети на разговор најдоцна до понеделник, 18.01.2021 година, 15 часот. Квалификуваните кандидати ќе бидат известени за исходот од конечното бодување најдоцна до понеделник, 25.01.2021 година, 15 часот.

Скопје, 24.12.2020

Радомир Трајковиќ, претседател

Споделете на...