Премини на содржината

ХИВ и вакцините против COVID-19

Дали вакцините против COVID-19 се безбедни за луѓето што живеат со ХИВ?

Вакцините против COVID-19 што се одобрени од регулаторите значително го намалуваат ризикот од развивање тешка болест и смрт и се верува дека се безбедни за повеќето луѓе, вклучително за луѓето што живеат со ХИВ, порачуваат од UNAIDS.

Пред вакцините да добијат дозвола за масовна употреба т.е. за масовна имуниација на населението, глобалните и националните регулаторни власти ги прегледуваат податоците за да се осигураат дека се безбедни. Засега не се појавиле податоци за безбедноста и ефикасноста што би предизвикале загриженост дека луѓето што живеат со ХИВ се во поголем ризик од вакцините против COVID-19 отколку кој било друг.

Вакцините содржат дел од генетскиот материјал од SARS-CoV-2 (вирусот што ја предизвикува болеста COVID-19), што го стимулира нашиот имунолошки систем да произведува антитела против шилестиот (спајк) протеин што SARS-CoV-2 го користи за да се врзе за човечките клетки во текот на инфекцијата. Ниеден од пристапите на вакцините што се развој или одобрени од регулаторите користи жив вирус, така што би требало да се безбедни за луѓето со компромитиран имунолошки систем, како што се некои луѓе што живеат со ХИВ кај кои вирусот не е супресиран (односно потиснат со антиретровирусна терапија). Дополнително, нема пријавено фармаколошки реакции меѓу вакцините против COVID-19 и антиретровирусните лекови, кои луѓето што живеат со ХИВ треба да продолжат да ги земаат и по вакцинацијата за да го одржат здравјето.

Во некои од испитувањата за вакцините биле вклучени учесници од земји каде ХИВ е почеста појава, како Јужна Африка, па така се опфаќале и одреден број луѓе што живеат со ХИВ. Но, некои испитувања како мерка на претпазливост ги исклучувале овие луѓе.

Како и кај повеќето вакцини, некои луѓе имаат искусено благи симптоми во деновите по вакцинирањето против COVID-19, вообичаено болка на местото на апликација, но понекогаш, исто така, општа слабост или блага треска. Многу мал број на луѓе имале сериозна алергиска реакција, што може безбедно да се контролира држејќи ги луѓето под надзор 15 до 30 минути откако ќе ја примат вакцината. Нема причина да се очекува дека благите или посериозните реакции ќе се манифестираат во поголем обем меѓу луѓето што живеат со ХИВ. Сѐ за вакцините можете да прочитате со клик овде.

Сериозните несакани последици од вакцина може да се појават толку ретко што не можат да бидат детектирани меѓу првите луѓе што се вакцинираат. Сепак, постојат системи за мониторинг за да се осигура дека ретките но сериозни несакани последици се пријавуваат до органите за јавно здравје и до производителите на вакцини.

Вакцината против COVID-19 на AstraZeneca

Вакцинацијата против COVID-19 нема да ги намали болестите или смртните случаи од други причини. Во опсежните кампањи за вакцинација, вообичаено е земјите да сигнализираат на потенцијалните несакани последици по имунизацијата. Регулаторните власти се во редовен контакт со производителите на вакцини во врска со најновите информации за безбедноста на вакцините против COVID-19. За вакцината AstraZeneca, податоците покажуваат дека придобивките од вакцината AstraZeneca ги надминуваат ризиците од неа и се препорачува вакцинацијата да продолжи.

Дали луѓето што живеат со ХИВ треба да се вакцинираат против COVID-19 и дали треба да им се даде приоритет во националните програми за вакцинација?

За луѓето што живеат со ХИВ, вакцините против COVID-19 ги нудат истите придобивки како и за сите поединци и заедници – превенција да се развие тешка болест поради SARS-CoV-2 и потенцијално редуцирана трансмисија на вирусот SARS-CoV-2.

Потребно е застапување за никој да не биде изоставен и националните програми за вакцинација да не исклучуваат луѓе од клучните популации, кои може да имаат ограничен пристап до здравствени услуги. Врз основа на скорашните податоци што покажуваат дека луѓето што живеат со ХИВ, без разлика на бројот на CD4 клетки кај нив, се изложени на поголем ризик од сериозни исходи и смрт поради COVID-19 во споредба со другите луѓе, луѓето што живеат со ХИВ треба да бидат препознаени како приоритетна група во националните политики за вакцинација против COVID-19.

Сѐ додека нивото на вирусот меѓу населението не падне многу ниско, луѓето треба да преземаат превентивни мерки против SARS-CoV-2 (физичко дистанцирање, редовно миење на рацете, носење на заштитни маски за лице), дури и по вакцинирањето.

Луѓето што живеат со ХИВ треба да примаат ефективна антиретровирусна терапија, која не само што ги одржува луѓето здрави туку и го спречува преносот на ХИВ.

Споделете на...