Премини на содржината

На Белград Прајд 2021 се маршираше за еднаквост на ЛГБТ+ луѓето под слоганот „Љубовта е закон“

Оваа година, на 18 септември со почеток во 16:30 од паркот Мањеж, 20 години по одржувањето на првиот Прајд во Белград, започна прошетката за љубов, за закон и за достоинствен живот, а против насилство, дискриминација, омраза и угнетување. Претставници на ЕГАЛ зедоа учество на Прајдот во солидарност со тамошната ЛГБТ+ заедница и во поддршка на нивната борба за еднакви права за сите.

Пред 20 години, храбри активист(к)и излегоа на улиците на Белград, гордо протестирајќи за своите права и демократија за која општеството во Србија неодамна претходно се избори. Набрзо сфатија дека таа демократија не важеше за сите: по бруталното насилство и немири на улиците, обидите да се организира Прајд до 2010 година не беа успешни, а по повторените масовни протести и немири на Прајдот во 2010 година, уследија три противуставни забрани за одржување на настанот. Од 2014 година до денес, успешно се одржуваат ненасилни Прајд маршови. Во текот на овој период, активист(к)ите се изборија за поголема видливост и препознатливост на ЛГБТ+ луѓето во општеството, за почеток нормализација на ЛГБТ+ заедницата во медиумскиот и јавниот дискурс, за измени и дополнувања на одредени закони и усвојување на подзаконски акти кои ја препознаваат и штитат ЛГБТ+ заедницата, за вклучување и учество на ЛГБТ+ луѓето во политичкиот, јавниот и културниот живот.

И оваа година, после две децении, протестниот дел на Прајдот е и натаму најважен – Прајдот е простест против насилството, омразата, против сите облици на дискриминација, против фашизмот, како и против притисокот врз ЛГБТ+ луѓето да се кријат во своите „четири ѕида“. Прајдот е протест кој, како и секоја година има јасни барања: 1) усвојување на Закон за истополовите заедници; 2) усвојување на Закон за родовиот идентитет и подобрување на услугите за трансродовите луѓе; 3) брза и адекватна реакција на државните органи и јавна осуда од претставниците на власта на говорот на омраза и злосторствата мотивирани од омраза кон ЛГБТ+ заедницата; 4) усвојување на локални акциски планови за ЛГБТ+ заедницата; 5) извинување на сите граѓани на Србија кои пред 1994 година биле судски или на други начини прогонувани поради нивната сексуална ориентација и родов идентитет; 6) oбразование и едукација на младите за сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Покрај протест, Прајдот е, исто така, настан што ги слави гордоста, постоењето на ЛГБТ+ луѓето и нивните семејства, пријатели и други сојузници и сојузнички. Прајдот посебно ги слави и младите ЛГБТ+ луѓе, сите оние кои и натаму не се спремни да се аутираат и да шетаат на Прајдот, сите квир луѓе во малите средини, сите ЛГБТ+ луѓе кои, поради инвалидитет, раса, вероисповед, националност или други лични карактеристики се на самиот раб на маргините. Токму затоа, на Прајдот и оваа година му претходеше Неделата на гордоста, која се одржува секоја година од 2011. Неделата на гордоста започна на 12 септември и траеше до 18 септември, а броеше преку 40 настани, вклучително претстави, филмски проекции, панел дискусии, конференции, работилници, забави и други уметнички, културни и едукативни програми.

Белград во 2022 година ќе биде домаќин на ЕуроПрајд, паневропски меѓународен ЛГБТ+ настан со Парада на гордоста, чиј домаќин секоја година е различен европски град. За повеќе информации за Белград Прајд консултирајте го нивниот веб-сајт, како и нивните канали на социјалните мрежи Facebook, Instagram и Twitter.

Обединетите нации, Советот на Европа и десет западни земји изразија силна поддршка на ЛГБТ+ заедницата во Србија

Обединетите нации, Советот на Европа и амбасадите на десет западни земји соопштија дека брзото усвојување на законот за истополови заедници вистински би ја потврдило посветеноста на Владата на Република Србија и општеството на човековите права и борбата против општествената стигма и дискриминација на одредени групи.

Во заедничката изјава по повод одржувањето на парадата на гордоста „Белград Прајд 2021“, две меѓународни организации и десет дипломатски мисии во Србија наведоа дека „стојат рамо до рамо“ со тамошната ЛГБТ+ заедница, под заедничкиот слоган „Љубовта е закон“, пренесе канцеларијата на ОН во Србија. Во изјавата која ја потпишаа канцелариите на ОН и Советот на Европа во Белград и амбасадите на САД, Велика Британија, Германија, Италија, Белгија, Холандија, Данска, Норвешка, Австралија и Канада, се наведува дека „заедно изразуваат поддршка за човековите права, слободи и еднаквост на ЛГБТ+ луѓето како суштински дел на општеството“.

#LjubavJeZakon (Фото: @UNSerbia/Twitter)

„Оваа година се направени големи напори од институциите да се унапредат правата на ЛГБТ+ луѓето во Србија, бидејќи првиот закон за истополови заедници е во нацрт и за него се води дискусија со големо учество на граѓанското општество, ЛГБТ+ заедницата и политичките лидери“, стои во заедничката изјава. Се наведува и дека тоа е „значаен чекор кон трансформативно законодавство кое ги промовира и штити основните човекови права на многу луѓе во земјата“ и се додава дека Србија на тој начин ги исполнува своите меѓународни обврски во областа на човековите права.

„Конечниот чекор во овој процес би бил брзо усвојување на овој закон кој вистински би ја потврдил посветеноста на Владата и општеството на човековите права во сите сфери на животот и во борбата против општествената стигма и дискриминација со која се соочуваат одредени групи“, се наведува во заедничкото соопштение.

Канцелариите на ОН и Советот на Европа и амбасадите на десет земји наведоа дека ги поздравуваат тие напори и дека уште еднаш ја потврдуваат посветеноста на еднакви права и достоинство за сите. „Ги поддржуваме граѓаните и граѓанките на Србија и нејзините институции во изградбата и одржувањето на силно и енергично општество, кое ја прифаќа и штити различноста во сите облици. Само преку заеднички напори и солидарност човековите права ќе опстојат“, додаваат тие во изјавата.

Споделете на...