Премини на содржината

Митови за ХИВ и СИДА

Постојат многу митови, но фактите за тоа како можете да добиете ХИВ и како можете да се заштитите себеси се многу едноставни. Со познавање на фактите за ХИВ, можете да се поштедите себеси од грижи и да помогнете во разбивањето на митовите и заблудите. Еден од најчестите митови што луѓето што живеат со ХИВ ги слушаат е дека може да бидат излечени. Не постои лек за ХИВ, но антиретровирусната терапија функционира и ќе го одржува здраво лицето што живее со ХИВ.

Како што напоменавме, наоколу кружат многу митови и заблуди за тоа како можете да добиете ХИВ. Во овој текст ќе се осврнеме на разбивањето на тие митови и ќе ви ги презентираме фактите за тоа како навистина се пренесува ХИВ.

ХИВ може да се пренесе од едно лице на друго преку следните телесни течности: крв, семена течност, претсемена течност, вагинален секрет, анална слуз и мајчино млеко.

ХИВ-инфекцијата настанува кога инфицирани телесни течности ќе влезат во крвотокот на следните начини: незаштитен секс (вклучително секс-играчки); од мајка на дете за време на бременост, породување и доење; инјектирање дроги со игла што во неа има инфицирана крв; и инфицирани донации на крв или трансплантации на органи.

Лице што има недетектабилно вирусно оптоварување

Ако здравствен работник потврдил дека лице што живее со ХИВ има недетектабилно вирусно оптоварување (што значи дека ефективниот третман го намалил количеството на вирус во крвта до ниво што не може да се детектира преку тест на крв), нема ризик од пренесување. Недетектабилно = непреносливо (Undetectable = Untransmissable).

Лице што нема ХИВ

Единствено можете да добиете ХИВ од лице што веќе живее со ХИВ.

Допирање на лице што има ХИВ

ХИВ може да се пренесе само преку конкретни телесни течности, така што не можете да добиете ХИВ од допирање, гушкање или ракување со некого.

Бакнување

Во плунката на лице што живее со ХИВ има толку мала количина на ХИВ што инфекцијата не може да се пренесе преку бакнување.

Пот, солзи, урина или измет од лице што има ХИВ

ХИВ не може да се пренесе преку пот, солзи, урина или измет. Сепак, запомнете: Секоја телесна течност што исто така содржи крв може да биде заразна.1San Francisco AIDS Foundation – Resource: HIV Risk and Testing, хиперврска

Меѓусебна мастурбација

Не може да добиете ХИВ од меѓусебна мастурбација, фингеринг или акти на мануелно стимулирање на гениталиите. Сепак, доколку употребувате секс-играчки, погрижете се да ставите нов кондом на нив кога ги разменувате со партнерот или партнерката.

Користени кондоми

Надвор од телото, ХИВ во семената течност може да преживее многу кратко. Дури ако во кондомот има сперма од ХИВ-позитивно лице, не претставува никаков ризик.

Воздух

ХИВ не може да преживее во воздухот така што не можете да добиете ХИВ од споделување простор со лице што е ХИВ-позитивно.

Кашлање, кивање или плукање

Во овие телесни течности има само мала трага од ХИВ, така што не го пренесуваат ХИВ.

Прибор за јадење, пиење и готвење

ХИВ не може да се пренесе преку користење ист прибор за јадење, пиење и готвење, дури и ако лицето што ја подготвува вашата храна живее со ХИВ.

Тоалетни даски, маси, рачки на врати, прибор за јадење, споделување пешкири

Не можете да добиете ХИВ преку заедничко користење на овие предмети бидејќи вирусот може да се пренесе единствено преку конкретни телесни течности.

Вода

ХИВ не може да преживее во вода, така што не можете да добиете ХИВ од базени за пливање, бањи, туш кабини, перење алишта или од вода за пиење.

Инсекти

Не можете да добиете ХИВ од инсекти. Кога инсект (како што е комарецот) ќе ве касне, тој ја пие само вашата крв – не инјектира крв од претходното лице што го каснал.

Животни

ХИВ претставува кратенка од англискиот поим за вирусот причинител на имунитетски недостаток кај човекот (англиски: Human Immunodeficiency Virus), што значи дека инфекцијата може да се пренесе само помеѓу луѓе.

Нови или стерилизирани игли

Новите игли не може да инфицираат некого оти не биле во контакт со инфицирана крв. Ако користените игли се исчистени и стерилизирани, не може да пренесат ХИВ.

Музички инструменти

ХИВ не може да преживее на музички инструменти. Дури и ако станува збор за инструмент што се свири користејќи ја устата, не може да ви пренесе ХИВ.

Тетоважи и пирсинзи

Единствено постои ризик ако иглата што ја користи професионалецот било користена во тело на лице што живее со ХИВ и потоа не била стерилизирана. Сепак, повеќето практичари со закон се обврзани да користат нови игли за секој клиент.

Ризикот од ХИВ преку орален секс е многу мал освен ако вие или вашиот партнер/вашата партнерка имате отворени рани во пределот на гениталиите или непца/рани во устата што крварат. Постои само малку зголемен ризик ако жената на која ѝ се дава орален секс е ХИВ-позитивна и има менструација. Сепак, секогаш можете да користите дентална брана (кофердам) за да ги елиминирате овие ризици.

Постојат многу урбани митови за начините како можете да се заштитите од ХИВ – од туширање после секс или земање контрацептивна таблета, па сѐ до секс со девица. Во реалноста, ако имате секс, единствените методи за превенција на ХИВ се кондомите или предекспозициската профилакса (ПрЕП), достапни и кај нас.

Не. Некои луѓе решаваат да земаат алтернативни лекови, како што се билните лекови, како природен начин на третирање на ХИВ. Сепак, билните лекови не делуваат.

Земањето билни лекови може да биде опасно бидејќи тие не го штитат вашиот имунолошки систем од инфекција. Тие исто така може да имаат лоша интеракција со антиретровирусните лекови доколку ги земате во комбинација со терапија. Единствениот начин како можете да останете здрави кога веќе живеете со ХИВ е да ја земате антиретровирусната терапија според препишаното од вашиот доктор или здравствен работник, и да правите контрола на вирусното оптоварување (доколку ви е достапна услугата) за да се осигурате дека вашиот третман е ефикасен.

Не, ХИВ не секогаш се пренесува од лице што живее со ХИВ. Постојат многу причини зошто тоа е така. На пример, ако ХИВ-позитивното лице прима ефективен третман, тоа ќе го намали количеството на ХИВ во неговото тело. Ако доктор потврди дека вирусот достигнал недетектабилно ниво, тоа значи дека нема ризик за негово пренесување.

Доколку сте загрижени дека сте биле изложени на ХИВ, можеби се квалификувате да земете постекспозициска профилакса (ПЕП), која го стопира вирусот да прерасне во инфекција. Сепак, таа не е достапна насекаде и за да биде ефикасна најдобро е да се земе во првите 2 часа, но не подоцна од 72 часа од можното изложување.

Како и повеќето болести, ХИВ не прави разлика меѓу типовите на луѓе и инфекцијата може да се пренесе на секој преку некој од гореспоменатите начини.

Некои луѓе се поранливи на ХИВ-инфекција доколку редовно практикуваат одредени активности (на пр. инјектирање дроги) за кои постои поголема веројатност дека ќе го пренесат вирусот. Сепак, погрешно толкување е дека ХИВ погаѓа само одредени групи.

Иако не секој е изложен на исто ниво на ризик од ХИВ, секој може да го намали својот ризик од инфекција. Практикувајте безбеден секс и редовно правете ХИВ-тест.

Постојат многу соеви на ХИВ. Доколку вие и вашиот партнер/вашата партнерка живеете со ХИВ, секој од вас може да има различен сој, па и натаму ќе треба да се заштитите меѓусебно од дополнителни ХИВ-инфекции. Ако се инфицирате со два или повеќе соеви на ХИВ, тоа може да предизвика проблеми во вашиот третман.

Доколку примате ефективен третман и здравствен работник потврдил дека вашето вирусно оптоварување е недетектабилно, нема да го пренесувате ХИВ преку секс.

Симптомите на ХИВ може да се разликуваат од лице до лице и некои луѓе може воопшто да немаат симптоми. Без третман, вирусот ќе се влоши со текот на времето и ќе го оштети вашиот имунолошки систем. Постојат три стадиуми на ХИВ-инфекција со различни можни ефекти: 1) примарна или акутна инфекција, 2) асимптоматска фаза и 3) симптоматска ХИВ-инфекција. Ако лицето развие одредени сериозни опортунистички инфекции или болести – како резултат на оштетувањето на неговиот имунолошки систем од напредната трета фаза на ХИВ-инфекција – се вели дека има СИДА.

Гледајќи некого однадвор не можете да приметите дали има ХИВ или не. Многу луѓе не покажуваат знаци на никакви симптоми. А луѓето што живеат со ХИВ кои примаат ефективен третман, може да имаат здрав и квалитетен живот како и сите останати.


Извори: Национален здравствен сервис на Англија 🔗, Центри за контрола и превенција на болести во САД 🔗 и Светска здравствена организација 🔗.

Фусноти