Премини на содржината

Сексот и ХИВ

ХИВ се пренесува преку семена и претсемена течност, вагинална течност, крв и анална слуз. За време на сексуалниот однос без кондом телесните течности од едно лице може да се пренесат во телото на нивниот сексуален партнер. Ова може да се случи преку микозните мембрани на пенисот, вагината и ректумот, или рани во устата и грлото.

ХИВ можете да добиете само од лице што живее со ХИВ и има детектабилно вирусно оптоварување.

Анален секс и ХИВ

При анален секс постои најголем ризик од ХИВ бидејќи слузницата на анусот е понежна од слузницата на вагината. Ова значи дека полесно се оштетува, овозможувајќи полесен пат за ХИВ да влезе во телото. Рецептивниот анален секс (кога сте „пасив“) носи поголем ризик отколку инсертивниот анален секс (кога сте „актив“).

Вагинален секс и ХИВ

И машките и женските партнери може да добијат ХИВ при вагинален секс. Ризикот од добивање или пренесување на ХИВ преку вагинален секс се зголемува за време на менструација.

Орален секс и ХИВ

Ризикот од добивање на ХИВ при незаштитен орален секс е исклучително низок. Оралниот секс претставува ризик само ако лицето што дава орален секс има чиреви, рани или крварење на непцата во устата, или лицето што прима орален секс има рани на нивните гениталии.

Секс-играчки, фингеринг, фистинг и ХИВ

Секс-играчките, како што е дилдото, доаѓаат во директен контакт со ректалните/вагиналните течности и микозните мембрани. Ова значи дека при споделување неисчистено дилдо или друга играчка може да се пренесе ХИВ. Самостојното користење на секс-играчки не претставува ризик.

Нема директен ризик од ХИВ при фингеринг или фистинг (освен доколку имате отворени исеченици или рани на рацете), но бидете внимателни ако сте груби. Оштетувањето на аналните/вагиналните ткива, особено ако има крварење, ќе го зголеми ризикот од трансмисија на ХИВ доколку тогаш имате анален, вагинален или орален секс.

Бакнување и ХИВ

Во плунката на лице што живее со ХИВ има толку мала количина на ХИВ што инфекцијата не може да се пренесе преку бакнување.

Други фактори

Имањето повеќе сексуални партнери и/или сексуално преносливи инфекции (СПИ) го зголемува ризикот од ХИВ-инфекција преку сексуален однос ако не користите заштита.

Кондоми

Кондомите се најефикасниот начин на превенција на трансмисија на ХИВ и други СПИ.

Тие може да се користат при вагинален и анален секс, како и на пенис за време на орален секс. Треба да се стават пред каков било сексуален контакт бидејќи ХИВ може да се пренесе преку претсемена течност, вагинална течност и од анален слуз.

И внатрешните (женски) и надворешните (машки) кондоми се достапни, така што можете да експериментирате со нив и да ги користите оние што најмногу ви одговараат.

Предекспозициска профилакса (ПрЕП)

ПрЕП е таблета што се зема од страна на ХИВ-негативни луѓе за превенција на ХИВ. Содржи антиретровирусни лекови што го спречуваат ширењето на вирусот во вашето тело.

ПрЕП се зема од луѓе што се изложени на повисок ризик од добивање на ХИВ, а тоа може да вклучува луѓе во врска со лице што живее со ХИВ, или луѓе што припаѓаат на групи што се најмногу во ризик од ХИВ-инфекција – како што се мажите коишто имаат секс со мажи и младите жени во многу земји во јужна Африка.

Консултирајте се со здравствен работник доколку сакате да дознаете дали ПрЕП е соодветен избор за вас. ПрЕП е веќе достапен во нашата земја.

Кога се зема правилно, ПрЕП практично го елиминира ризикот од добивање на ХИВ. ПрЕП нема да ве заштити од други сексуално преносливи инфекции (СПИ) како што се хепатитис Ц. Кондомите се сѐ уште најдобрата заштита од овие СПИ.

Антиретровирусна терапија

Антиретровирусната терапија (АРТ) го намалува количеството на ХИВ во вашето тело, правејќи помалку веројатно да го пренесете ХИВ на друго лице.

Ако живеете со ХИВ, сте на ефикасна терапија и имате недетектабилно вирусно оптоварување, тоа значи дека имате толку ниско количество на ХИВ во вашето тело што не можете да го пренесете ХИВ на друго лице преку сексуален однос.

Ако сте ХИВ-негативни, не можете да добиете ХИВ при секс со лице што е ХИВ-позитивно и има недетектабилно вирусно оптоварување.

Не сите луѓе што примаат терапија за ХИВ имаат недетектабилно вирусно оптоварување. За да бидете сигурни дека имате недетектабилно вирусно оптоварување (и тоа да остане така), морате редовно да правите мониторинг на вирусното оптоварување.

Лубриканти

Лубрикантите што служат за подмачкување го прават сексот побезбеден намалувајќи го ризикот од повреди и оштетување на вагината или анусот предизвикани од сувост или триење. Исто така го намалуваат ризикот од пукање на кондомот.

Лубрикантот е особено важен за анален секс бидејќи анусот е деликатен и не се подмачкува самиот.

Користете лубриканти на база на вода наместо лубриканти на база на масло, бидејќи лубрикантите на база на масло (како што е вазелинот) го ослабуваат латексот во кондомите и може да предизвикаат нивно пукање.

Дентални брани

Денталната брана (исто така позната како кофердам) е мала пластична фолија што може да се искористи за прекривање на устата, вагината или анусот за време на орален секс за да се намали ризикот од СПИ.

Постекспозициска профилакса (ПЕП)

ПЕП претставува антиретровирусна терапија која се зема во текот на 28 дена и може да го спречи настанувањето на ХИВ-инфекција во организмот откако сте дошле во можен контакт со вирусот, на пример ако сте имале секс без кондом со лице чиј ХИВ-статус е непознат.

ПЕП може да ја спречи ХИВ-инфекцијата ако се започне со земање на ПЕП во рок од најмногу 72 часа по изложувањето на ХИВ, но најдобро е да се почне што порано.

За разлика од кондомите или ПрЕП, на ПЕП не можете да сметате како регуларна форма на заштита. Посоветувајте се со вашиот доктор или здравствен работник дали треба да земате ПЕП.

Тестирање за ХИВ

Познавањето на вашиот ХИВ-статус е важен дел од грижата за вашето сексуално здравје и може да ви помогне да имате побезбеден секс. Ако знаете дека сте позитивни, можете да земате АРТ за да останете здрави и за да го намалите ризикот од пренос на ХИВ, или ако сте негативни, познавањето на вашиот статус може да ви даде повеќе мотивација за да го заштитите вашето сексуално здравје.

Исто така е важно редовно да се проверувате за други сексуално преносливи инфекции (СПИ) бидејќи имањето СПИ ги зголемува шансите да добиете ХИВ.

Споделете на...