Премини на содржината

Што се ХИВ и СИДА?

ХИВ е вирус што го напаѓа имунолошкиот систем, природниот одбранбен механизам на телото против болести. Ако не се третира ХИВ-инфекцијата, имунолошкиот систем на лицето со време ќе станува сѐ послаб и послаб, додека не ослаби до толку што нема да може повеќе да се избори со животозагрозувачки инфекции и болести.

Со третман, луѓето што живеат со ХИВ може да уживаат долг и здрав живот.

СИДА, пак, е збир на симптоми и болести што се развиваат во крајниот стадиум на ХИВ-инфекцијата, доколку истата не се третира со антиретровирусна терапија.

Редовното тестирање за ХИВ значи дека можете да добиете антиретровирусна терапија доколку се констатира дека ви е потребна, за да останете здрави.

Во продолжение можете да прочитате малку повеќе детали за ХИВ и СИДА.

Што е ХИВ?

ХИВ е вирус што ги напаѓа клетките во имунолошкиот систем (природната одбрана на телото против болести). Вирусот уништува тип на бели крвни клетки во имунолошкиот систем наречени CD4 клетки и ги користи истите за да направи копии од себе.

Како што ХИВ уништува повеќе CD4 клетки и прави повеќе копии од себе, тој постепено го ослабува имунолошкиот систем на лицето. Ова значи дека лицето што има ХИВ и не зема соодветна терапија, сѐ потешко и потешко ќе може да се избори со инфекции и болести. Ако не се третира ХИВ, за отприлика 10 или 15 години имунолошкиот системот може толку многу да стане оштетен што нема да биде повеќе во состојба да се брани. Сепак, стапката со која ХИВ напредува варира во зависност од возраста, општата здравствена состојба и други околности.

Основни факти за ХИВ

ХИВ е акроним на англискиот назив за вирусот што предизвикува хумана имунодефициенција (англиски: Human Immunodeficiency Virus). Луѓето со ХИВ може да уживаат долг и здрав живот земајќи антиретровирусна терапија (АРТ), која е ефикасна и достапна за сите. Што порано лицето се дијагностицира со ХИВ, толку побрзо ќе може да започне со терапија – што значи дека ќе ужива подобро здравје на долг рок.

Кога се зема правилно, АРТ може да го намали нивото на ХИВ во телото (вирусното оптоварување) до толку ниско ниво што крвните тестови нема да може да го детектираат вирусот (што се нарекува „недетектабилно“). Кога имате недетектабилно вирусно оптоварување, не можете да го пренесете ХИВ на друго лице.

Редовното тестирање за ХИВ достапно бесплатно кај нас ќе ви помогне да го знаете вашиот ХИВ-статус и навреме да започнете со третман доколку ви е потребен.

ХИВ се наоѓа во претсемената и семената течност, крвта, вагиналните и аналните течности, и мајчиното млеко. Воглавно се пренесува преку незаштитен сексуален однос (без кондом), споделување игли или шприцови, и за време на бременост, породување или доење. ХИВ не може да се пренесе преку пот, плунка или урина. Тоа значи дека не може да се пренесе преку кашлање или кивање, гушкање, бакнување, или заедничко користење пешкири или тоалетна даска со некој што го има вирусот.

Превенција на ХИВ

Користењето машки (надворешни) кондоми во комбинација со лубрикант или женски (внатрешни) кондоми за време на сексуален однос е најдобриот начин да се превенираат ХИВ и други сексуално преносливи инфекции.

Ако инјектирате дроги, секогаш практикувајте да користите чисти односно стерилни игла и шприц, и никогаш не ја споделувајте опремата со други лица.

Ако сте бремени и живеете со ХИВ, вирусот може да се пренесе во телото на вашето бебе за време на бременоста, породувањето или преку доењето. Правилното земање терапија за ХИВ за време на бременоста може да го елиминира овој ризик.

Што е СИДА?

СИДА е збир на симптоми (или синдром) предизвикан од ХИВ.

За лице се вели дека има СИДА кога нивниот имунолошки систем е премногу слаб за да се избори со инфекција, па развиваат одредени симптоми и болести (познати како „опортунистички инфекции“). Ова е последниот стадиум на ХИВ, кога инфекцијата е многу напредната, и ако не се третира ќе доведе до смрт.

Основни факти за СИДА

СИДА е акроним на францускиот назив за „синдром на стекнат имунолошки дефицит“ (француски: Syndrome d’immunodéficience acquise). Исто така се нарекува напредна ХИВ-инфекција или доцен стадиум на ХИВ. СИДА е збир на симптоми и болести што се развиваат кога напредната ХИВ-инфекција го уништила имунолошкиот систем.

Во денешно време, сѐ помалку луѓе развиваат СИДА бидејќи сѐ повеќе луѓе се на третман за ХИВ и остануваат здрави. Иако нема лек за ХИВ, со правиот третман и поддршка, луѓето што живеат со ХИВ може да уживаат долги и здрави животи. За да биде така, особено е важно да се посветите на правилно земање терапија.


Извори: Министерство за здравство и социјални работи на САД – „Што се ХИВ и СИДА?“ 🔗 и Центри за контрола и превенција на болести во САД – „За ХИВ/СИДА“ 🔗.