Сексуално преносливи инфекции (СПИ) се инфекции што може да се пренесат во текот на незаштитен сексуален однос и генитален контакт „кожа на кожа“. Во нив спаѓаат гонореја, сифилис, ХПВ, херпес, генитални брадавици, срамни вошки и кламидија. Предизвикани се од бактерии, вируси и паразити. Најчесто се пренесуваат преку незаштитен вагинален, анален и орален секс, како и преку делење секс-играчки.
Користењето кондом е најдобриот начин да се превенираат повеќето СПИ.
Многу луѓе немаат никакви симптоми кога имаат СПИ, или може да имаат многу благи симптоми или да се појават неколку недели по инфекцијата. Тоа значи дека можете да имате СПИ без да знаете за тоа и да ја пренесете на вашите партнери во текот на секс или интимен контакт. Повеќето лесно се лекуваат, особено доколку се откријат рано. Доколку не се лекуваат, СПИ може да доведат до сериозни здравствени проблеми.
Кога луѓето имаат симптоми, тие може да бидат: рани/воспаленија, необични грутки, чешање, болка при уринирање или дефекација, невообичаен исцедок од гениталиите. Доколку забележите некои симптоми или сметате дека сте изложени на ризик, треба да посетите доктор во најскоро можно време. Во меѓувреме, немајте секс, дури ни орален секс, додека не појдете на здравствен преглед кај соодветен доктор специјалист.
Ако сте сексуално активни, а особено ако практикувате незаштитен секс, важно е да правите редовни проверки за СПИ – дури и ако немате никакви симптоми. Ако се тестирате и лекувате, ќе бидете здрави и вие и вашите сексуални партнери.