Да почнеме од тоа што се вакцини. Вакцината е безбеден вештачки начин да се заштитите од некоја болест пред да бидете изложени на неа. Вашиот имунолошки систем е делот од вашето тело што се бори со инфекциите и спречува да се разболите. Вакцините прават вашиот имунолошки систем да произведе антитела што се борат со болеста доколку се инфицирате со неа откако ќе примите вакцина.
Дали постои вакцина за ХИВ?
Сѐ уште не постои вакцина за ХИВ. Но, истражувачите веќе триесет години работат на тоа да направат вакцина што ќе превенира инфекција со ХИВ.
Дали ќе се направи вакцина за ХИВ?
Тешко е да се каже со сигурност. Вакцината за ХИВ денес е пореална можност отколку пред една деценија. Оптимистичка прогноза е дека може да стане достапна до 2030.
Зошто се трудиме да направиме вакцина за ХИВ?
Вакцината за ХИВ може да спаси милиони животи така што ќе спречи луѓето да се инфицираат со ХИВ. Тоа е безбеден и исплатлив начин да се превенира ширење на вирусот. Подобро е да се спречи ХИВ отколку да се лечи откако некој ќе го добие.
На што работат научниците за вакцина?
Научниците работат на вакцина што ќе го научи имунолошкиот систем да одговори на ХИВ. Тоа може да го направи на два начини: 1) со произведување на антитела што можат да се врзат за вирусот и да го спречат да ги инфицира клетките; или 2) со поттикнување на други имунолошки одговори што го убиваат вирусот.
Што треба да правам додека не се направи вакцина?
Додека не се направи вакцина, важно е да преземете чекори за превенција на ХИВ ако сте ХИВ-негативни или да земате терапија ако сте ХИВ-позитивни.