Иако државниот буџет за 2023 година се планира да биде најголемиот во 30-годишното постоење на државата, се кратат средства во дури 7 од 10 превентивни програми за здравствена заштита
И покрај значителното зголемување на државниот буџет планирано за 2023 година, здравствената заштита за превенција се намалува за дури една третина во споредба со претходните две години, а кратење има во дури 7 од 10 превентивни програми, алармираа граѓанските организации ЕСЕ, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Платформата на организации за заштита од ХИВ на денешната конференција за печат што се одржа пред Собранието на Република Северна Македонија.
Кратења има во програмите за превенција на кардиоваскуларни болести, за организирање и унапредување на крводарителството, за превентивна здравствена заштита, за задолжителна имунизација, за спречување на бруцелозата, за спречување на туберкулозата, за заштита од СИДА и за активна здравствена заштита на мајките и децата. Вкупниот буџет на програмите за превентивна и за куративна здравствена заштита е на исто ниво како и оваа година, и покрај тоа што во 2023 година државниот буџет ќе биде најголемиот досега од осамостојувањето на државата.
Наместо да расте правопропорционално со државниот буџет, буџетот на Министерството за здравство останува тукуречи непроменет и од 3%, колку што изнесувал во периодот 2018–2020 година, следната година ќе претставува само 2,1% од вкупниот буџет.
„Пред две години, Комитетот на ООН за елиминација на дискриминацијата на жените (CEDAW) донесе одлука со која ја задолжи државата да обезбеди пристап до здравствени услуги за маргинализираните групи на граѓани, а наместо тоа само се намалуваат средствата за програмите кои ним им се наменети“, потсети Алмира Фаслији Муарем од Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“, нагласувајќи дека со ваквите буџетски кратења се загрозува репродуктивното здравје на Ромките, а особено на бремените жени кои се здравствено неосигурани и жените без лична документација.
Потребата од адекватно финансирање на националните програми за ХИВ и за рана детекција на малигни заболувања се посочени и во неодамна објавениот Извештај на ЕУ за напредокот на земјата за 2022 година.
„Комитетот за правата на детето при ООН во септември 2022 година изрази загриженост во врска со константното намалување на инвестициите за здравствена заштита на мајките и децата во земјава, а само два месеци подоцна државата го намалува буџетот на Програмата за мајки и деца за 3 милиони денари. Од друга страна, се намалува и буџетот за Програмата за скрининг на малигни заболувања иако токму тие се меѓу водечките причини за смртност кај нас. Колку за пример, додека европските земји бележат опфат со скрининг за рак на грло на матка од над 75%, кај нас опфатот се движи околу 28% за три години“, изјави Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ.
Андреј Сених од здружението на пациенти и Платформата за ХИВ посочи дека буџетот на Програмата за ХИВ е неопходно да се зголеми за да може сите пациенти да се покријат со терапија која овозможува целосно контролирање на вирусот и значи живот, а истовремено спречува вирусот да се пренесува понатаму. „Еднакво е важно да се продолжат и прошират постојните мерки за тестирање и превенција меѓу ранливите групи, кои се честопати надвор од системот на здравствена заштита, бидејќи тоа значи да откриеме што поголем број лица инфицирани со вирусот и да ги поврземе со лекување. Тоа е единствениот докажан начин да ги оствариме глобално поставените цели до 2025 година и е во согласност со препораките на Светската здравствена организација“, изјави тој.
Оттука, бараме од пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, особено членовите на Комисијата за финансирање и буџет, да ги усвојат амандманите на предлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година во Раздел 19001 – Министерство за здравство, за кои веќе имаме доставено предлози. Последователно, бараме истите амандмани да бидат прифатени од страна на Владата на Република Северна Македонија, соодветно да бидат вметнати во дополнетиот предлог-буџет на Република Северна Македонија за 2023 година и да станат дел од Законот за извршување на буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година. Очекуваме транспарентност и соработка од сите одговорни страни, вклучително и Владата, со оглед дека се работи за здравјето на нашите граѓани.
Информации за контакт:
Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје
Хајди Штерјова Симоновиќ
070 400 096
Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје
Андреј Сених
070 344 693