Како се добива ХИВ?

Постојат само неколку начини како можете да добиете ХИВ. Овде ќе се осврнеме токму на тоа и како можете да се заштитите себеси од ХИВ-инфекција.

Како можете да добиете ХИВ?

ХИВ се наоѓа во следните телесни течности на лице што живее со вирусот: крв, семена течност (сперма), претсемена течност, ректална течност/анална слуз, вагинален секрет и мајчино млеко. За да добиете ХИВ, овие телесни течности треба да влезат во вашиот крвоток преку мукозна мембрана (на пример, слузницата на вагината, ректумот или отворот на пенисот), преку споделување опрема за инјектирање, или преку распукана кожа (како што се исекотини или рани во устата или оштетувања околу анусот).

Нема доволно количесто на ХИВ во другите телесни течности, како што се плунката, потта или урината, за да се пренесе вирусот од едно на друго лице.

Лице што живее со ХИВ и има недетектабилно вирусно оптоварување, што значи дека ефективниот третман го има намалено количеството на вирусот во крвта до ниво што не може да се детектира со нормален тест на крвта, не може да го пренесе ХИВ на друго лице. Лице што живее со ХИВ и има детектабилно вирусно оптоварување може да го пренесе вирусот на други без разлика дали има симптоми или не.

ХИВ е најзаразен во првите неколку недели по инфекцијата. Во тој период, многу луѓе не се свесни за нивниот ХИВ-статус. Главните начини на кои можете да добиете ХИВ се:

Секс без кондом – имањето незаштитен сексуален однос (без кондом, доколку не земате ПрЕП) со лице што има ХИВ, особено незаштитен вагинален и анален секс.

Споделување опрема за инјектирање – игли, шприцеви или друга опрема што се користи за подготвување и инјектирање дроги со лице што има ХИВ.

Се пренесува од мајка на бебе за време на бременост, породување и доење – мајка што е ХИВ-позитивна може да го пренесе вирусот на нејзиното бебе преку нејзината крв за време на бременоста и породувањето, како и преку мајчиното млеко при доење.

Контаминирани трансфузии на крв и трансплантации на органи/ткива – примањето трансзфузии на крв, крвни продукти или трансплантации на органи/ткива што се контаминирани со ХИВ. Ризикот да се случи тоа е исклучително низок бидејќи во повеќето земји претходно ги тестираат крвните продукти за ХИВ.

Доколку не постојат соодветни безбедносни практики, медицинскиот персонал т.е. здравствените работници исто така може да бидат во ризик од ХИВ од исекотини направени од игла или остар предмет со инфицирана крв на него. Сепак, ризикот од „изложеност на работното место“ е многу низок во повеќето земји.

Доколку се сомневате дека сте биле изложени на ХИВ, единствениот начин да дознаете дали имате ХИВ е да направите ХИВ-тест што ќе ви одземе половина час.

Како не можете да добиете ХИВ?

Постојат многу митови за ХИВ. Некои луѓе погрешно веруваат дека ХИВ може да се пренесе преку воздухот (иако ХИВ не може да преживее во воздух). ХИВ не може да се пренесе преку плунка или бакнување, допирање на лице што има ХИВ, заедничко користење на тоалетни даски, пешкири или прибор за јадење, или од каснување од комарец. Информирајте се подетално и дознајте ги фактите со клик овде.

Како да се заштитам од ХИВ?

Има неколку начини на кои можеш да се заштитиш од ХИВ, вклучително:

  • користење кондом секој пат кога имаш вагинален, анален или орален секс
  • ПрЕП, таблети против ХИВ кои доколку ги земате доследно според препораките на здравствен работник спречуваат ХИВ-инфекција преку секс
  • избегнување споделување игли, шприцеви и друга опрема за инјектирање
  • земање антиретровирусна терапија за ХИВ доколку сте нова или бремена мајка што живее со ХИВ, бидејќи тоа драстично ќе го намали ризикот од пренесување на ХИВ на вашето бебе за време на бременоста, породувањето и доењето
  • прашајте го здравствениот работник дали крвниот продукт што ќе го примите (трансфузија на крв, орган или ткиво за трансплантација) е тестиран за ХИВ
  • преземање мерки на претпазливост доколку си здравствен работник – носење заштитна опрема (како ракавици и наочари), миење на рацете после контакт со крв или други телесни течности, и безбедно одлагање на остра опрема
  • ако мислиш дека си бил/а изложен/а на ХИВ, консултирај се со здравствен работник за пристап до ПЕП, антиретровирусна терапија што се зема во период од 4-недели по можната изложеност на ХИВ за да се спречи ХИВ-инфекција. За да биде ефикасна, со земањето ПЕП мора да се започне во рок од 72 часа од можната изложеност.

Извори: Министерство за здравство и социјални работи на САД 🔗, Центри за контрола и превенција на болести во САД 🔗 и Национален здравствен сервис на Англија 🔗.