Единствениот начин да дознаете дали имате ХИВ е да се тестирате. Многу луѓе тоа ги прави нервозни, но причините да се тестирате се далеку поголеми од причините против тоа! Во Центарот за сервиси на ЕГАЛ ХИВ-тестот е бесплатен, брз и доверлив.
Дали треба да се тестирам за ХИВ?
Треба да се тестирате за ХИВ доколку:
- имате незаштитени сексуални односи;
- неодамна сте биле дијагностицирани со друга сексуално пренослива инфекција;
- сте споделувале исти игли или друга опрема за инјектирање;
- сте загрижени за ХИВ и сакате да се ослободите од немирот.
За повеќе информации како се пренесува ХИВ, прочитајте со клик овде.
Дури и ако мислите дека е малку веројатно да имате ХИВ, најбрзиот начин да престанете да се грижите е правејќи тест за ХИВ што ви е достапен кај нас.
Ако сте сексуално активни, добро е да стекнете навика редовно да се тестирате за ХИВ, дури и ако редовно користите кондоми и сметате дека не сте биле изложени на ризик.
Секогаш е подобро да се знае
Тестирањето е единствениот начин да дознаете дали имате ХИВ. Сосема е нормално да се чувствувате загрижено во врска со ХИВ, но тестирањето за ХИВ може да ви помогне да се опуштите и да ја намали анксиозноста од незнаењето на вашиот ХИВ-статус.
Луѓето често го одложуваат тестирањето за ХИВ бидејќи стравуваат каков ќе биде резултатот, но познавањето на вашиот ХИВ-статус ќе ви овозможи навреме да преземете контрола врз вашето здравје. Доколку сте негативни, можете да добиете повеќе информации како да останете така, а доколку сте позитивни можете да започнете со третман, за да се погрижите да останете здрави.
Тестирањето е брзо и лесно
Правењето ХИВ-тест е брзо, лесно и потполно бесплатно кај нас. Исто така, тоа е единствениот начин да знаете за сигурно дали имате или немате ХИВ.
Тестирањето за ХИВ се изведува со брз тест на примерок од плунка или капиларен крвен примерок од прст, а ниеден од нив не причинува болка. Постојат и тестови што можете да ги направите и во комфорот на вашиот сопствен дом.
Позитивниот резултат значи пристап до третман
Ако имате ХИВ, дијагностицирањето во рана фаза ќе ви помогне да живеете долг и здрав живот. Можете да започнете со третман за ХИВ (антиретровирусна терапија) порано, што ќе го намали количеството на ХИВ во вашето тело и ќе го заштити вашиот имунолошки систем од оштетување. Со правилен третман и нега, луѓето што живеат со ХИВ може да очекуваат еднакво долг животен век како и просечниот човек, па затоа е важно да преземете контрола врз вашето здравје така што ќе се тестирате.
Тестирањето значи дека се грижите вашите сексуални партнери да останат здрави
Редовното тестирање за ХИВ и познавањето на вашиот ХИВ-статус исто така значи дека се грижите за сексуалното здравје на вашите партнери. Доколку сте позитивни, можете да користите заштита како што се кондомите за да спречите пренесување на ХИВ.
Со започнување и континуирано земање на антиретровирусна терапија ќе го намалите нивото на ХИВ во вашето тело, правејќи помалку веројатно да го пренесете вирусот на друго лице. Со ефикасна антиретровирусна терапија возможно е нивото на вирусот во вашето тело да опадне толку ниско што ќе стане „недетектабилно“ – што значи дека ХИВ нема да се прикажува на нормалните крвни тестови. Ако тоа ви го потврди вашиот здравствен работник, значи дека повеќе не можете да го пренесете ХИВ на друго лице преку сексуален однос. Сепак, ќе треба да продолжите да го контролирате вашето вирусно оптоварување за да се осигурате дека е на „недетектабилно“ ниво.
Никој нема да ги знае вашите резултати, освен ако вие одлучите да им кажете. Но, ако знаете дека сте позитивни, можете да ги охрабрите вашите партнери и тие да се тестираат, што ќе им помогне да го заштитат нивното здравје.