Премини на содржината

Како да се заштитам себеси и другите од ХИВ?

Постојат повеќе начини да се заштитиме себеси и другите од ХИВ како што се користење кондоми или дневно земање таблети за превенција на ХИВ, редовно тестирање и, ако имате ХИВ, земање на вашата терапија според препишаното.

За време на секс

Правилно користете кондоми секој пат кога имате секс – тоа е најдобриот начин да се превенира инфекција со ХИВ, други сексуално преносливи инфекции и непланирана бременост. Кондомите спречуваат инфекција со ХИВ во текот на различни типови на сексуален однос – вагинален, анален, орален и кога се користат секс-играчки.

Користете лубриканти на база на вода за да бидете уште побезбедни намалувајќи го ризикот од повреди или оштетување на вагината или анусот предизвикани поради сувост или триење. Лубрикантот исто така го намалува ризикот за пукање на кондомот.

Во некои земји достапна е предекспозициска профилакса (ПрЕП). ПрЕП е таблета што се зема од страна на ХИВ-негативни луѓе за превенција на ХИВ. Содржи антиретровирусни лекови што го спречуваат ширењето на вирусот во вашето тело. Правилното земање ПрЕП ќе го намали ризикот од добивање ХИВ на речиси нула.

Ако веќе имате ХИВ

Земајте ја вашата терапија секојдневно како што ви е препишано од вашиот доктор за да ја намалите можноста да го пренесете вирусот на друго лице со коешто имате секс.

За многу луѓе со ХИВ третманот се покажува толку ефективен што го намалува нивото на вирусот до таа мера што не може да се детектира со нормални тестови на крвта. Таквата состојба е позната како недетектабилно вирусно оптоварување и тогаш нема ризик за пренесување на ХИВ (или, инаку кажано, недетектабилно = непреносливо).

Ако инјектирате дроги

Не споделувајте игли, шприцови и друга опрема за инјектирање бидејќи со тоа се изложувате на ХИВ и други вируси што може да се најдат во крвта, како хепатит Ц.

За време на бременост, пораѓање и доење

Земајте ја вашата терапија секојдневно како што ви е препишано од вашиот доктор за максимално да ја намалите можноста да го пренесете ХИВ на вашето бебе.

Зошто е важно тестирањето за ХИВ?

Редовното тестирање за ХИВ е единствениот начин за да го дознаете вашиот ХИВ-статус, што значи навремен пристап до терапија доколку ви е потребна.

Знаењето на вашиот ХИВ-статус значи дека можете да се грижите за своето здравје и сексуалното здравје на вашите партнер(к)и така што ќе земате антиретровирусна терапија и ќе користите заштита кога имате секс, како кондоми или ПрЕП.