Кондомите ве заштитуваат од ХИВ, други сексуално преносливи инфекции и непланирана бременост. Користењето кондом значи дека можете да се опуштите и да уживате во моментот. И, секако, не заборавајте редовно да правите ХИВ-тест.
Како се пренесува ХИВ во текот на секс?
ХИВ се наоѓа во телесни течности како што се претсемена течност, сперма, вагинален секрет, крв и анална слуз. Ако вашиот сексуален партнер има ХИВ, во текот на секс нивните инфицирани течности може да се пренесат во вашето тело. Тоа може да се случи преку пенисот, вагината и ректумот, или рани во устата и грлото. ХИВ можете да добиете само од лице што има ХИВ и има детектабилно вирусно оптоварување.
Како кондомите го спречуваат преносот на ХИВ во текот на секс?
Кондомите формираат бариера што го спречува ХИВ во телесните течности на вашиот партнер да допре до или да влезе во вашето тело во текот на секс.
Колку се ефикасни кондомите во превенција на ХИВ?
Кога се користат правилно, кондомите се најдобрата опција за превенција на ХИВ.
Какви кондоми спречуваат инфекција со ХИВ?
Сите кондоми можат да спречат инфекција со ХИВ ако се користат правилно. Погрижете се да го ставите кондомот пред каков било сексуален контакт. Постојат надворешни (машки) кондоми, внатрешни (женски) кондоми и дентални брани (познати и под називот „кофердам“) – пластична фолија што може да се користи за прекривање на устата, вагината или анусот во текот на орален секс.
Дали треба да користам лубрикант со кондомот?
Да. Лубрикантот го прави сексот побезбеден така што го намалува ризикот од кинење и оштетување на вагината или анусот предизвикани од сувост или триење. Исто така може да го намали ризикот од пукање на кондомот.
Лубрикантот е особено важен за анален секс, бидејќи анусот е деликатен и не се подмачкува самостојно (за разлика од вагината).
Користете лубриканти на база на вода, а не лубриканти на база на масло. Тоа е затоа што лубрикантите на база на масло (како што е вазелинот) го ослабуваат латексот во кондомите и може да предизвика нивно пукање.
Дали кондомите спречуваат инфекција со ХИВ при секаков секс?
Да. Кондомите можат да превенираат ХИВ при каков било секс.
Еве како треба да користите кондоми при различни видови на секс. Запомнете задолжително да ги ставите пред каков било сексуален контакт.
- Вагинален секс – користете надворешен кондом на пенисот или внатрешен кондом во вагина.
- Анален секс – користете надворешен кондом на пенисот или внатрешен кондом во анусот.
- Орален секс – користете надворешен кондом на пенисот или дентална брана на вагината.
- Секс со користење на играчки како што е дилдото – користете надворешен кондом на играчката или внатрешен кондом во вагината или анусот.
Што треба да направам ако пукне кондомот – дали ќе добијам ХИВ?
Ако вашиот партнер нема ХИВ или има ХИВ но прима редовна терапија и нивното вирусно оптоварување е недетектабилно, нема ризик за пренос на ХИВ.
Ако вашиот партнер има ХИВ но не прима редовна терапија или се несигурни дали имаат недетектабилно вирусно оптоварување, посетете стручно лице за сексуално здравје. Може да ви биде понудено постекспозициска профилакса (ПЕП). Тоа вклучува земање антиретровирусна терапија месец дена за да се намали можноста за добивање ХИВ. ПЕП има висока стапка на успешност, но не е замена за кондоми.
Доколку сте во врска со лице што е ХИВ-позитивно, можете да користите предекспозициска профилакса (ПрЕП) за да се заштитите од ХИВ.
Каде можам да набавам кондоми?
Кондомите ги има насекаде, се продаваат во многу продавници и аптеки. Бесплатни кондоми и лубриканти, како и едукативни материјали за превенција на ХИВ, можете да подигнете во нашиот центар за сервиси или од нашите теренски работници.
Што ако мојот партнер не сака да користи кондом?
Може да биде тешко ако вие сакате да користите кондом, а вашиот партнер не сака, но важно е да зборувате за тоа. Тоа не е знак дека не им верувате – тоа е начин на покажување дека се грижите и дека сакате и двајцата да бидете заштитени.
Ако вашиот партнер одбива да користи кондом, немојте да се чувствувате под притисок да имате незаштитен секс – запомнете, секогаш имате право да одлучите дали ќе имате секс или не. Ако сте имале ризичен секс, тестирајте се за ХИВ.