Премини на содржината

Лек за ХИВ

Во моментов не постои лек за ХИВ, што значи дека не можеме целосно да го отстраниме од телото. Но, научниците ширум светот истражуваат како да направат лек за ХИВ. Антиретровирусната терапија (АРТ) не е лек, но го контролира вирусот. Тоа значи дека луѓето со ХИВ што примаат АРТ можат да имаат долги и здрави животи.

Што прават научниците за да дојдат до лек?

Истражувањата за изнаоѓање лек за ХИВ сѐ уште се во рана фаза, но се ветувачки. Научниците работат на два вида истражувања – „функционален лек“ и „стерилизациски лек“. Што е разликата меѓу нив? Функционалниот лек би ја намалил количината на ХИВ во телото до толку ниски нивоа што не може да се детектира или да ве направи болни. Но, нема целосно да го отстрани вирусот. Стерилизацискиот лек целосно би го искоренил ХИВ од телото, вклучително и од скриените резервоари.

Што да правам додека не се најде лек?

Додека не се најде лек, луѓето со ХИВ мораат да земаат антиретровирусна терапија. Терапијата го намалува нивото на ХИВ во вашето тело до толку ниско количество што не можете да го пренесете на друго лице (недетектабилно вирусно оптоварување).

Митови

Во продолжение се осврнуваме на некои од најчестите митови за „лекување“ на ХИВ. Запомнете… терапијата е единствениот начин да останете здрави кога имате ХИВ.

Дали сексот со девица може да ме излечи од ХИВ?

Не. Сексот со девица ќе го стави другото лице во ризик на изложување со ХИВ ако не се користи заштита (без кондом). Секогаш практикувајте заштитен сексуален однос!

Дали природни, билни или алтернативни лекови можат да ме излечат од ХИВ?

Не. Дефинитивно не постојат природни, билни или алтернативни лекови за ХИВ. Антиретровирусната терапија е единствениот медикамент што може да го контролира ХИВ. Земањето билни лекови може да биде опасно бидејќи тие нема да го заштитат вашиот имунолошки систем од штетата предизвикана од ХИВ. Исто така, некои билни лекови можат да ја направат антиретровирусната терапија помалку ефикасна.

Може ли виша сила, молитви или магии да ме излечат од ХИВ?

Не. Верата им помага на многу луѓе да се носат со потешкотиите што ги носи ХИВ. Но, земањето антиретровирусна терапија е единствениот начин да останете здрави. Религијата може да биде добра за поддршка, но исто така треба да посетите доктор за третман и медицински совет и да земате терапија според препишаното.

Дали сте излечени ако имате недетектабилно вирусно оптоварување?

Не. Некои луѓе што редовно и правилно земаат антиретровирусна терапија можат да постигнат вирусно оптоварување толку ниско што се вели дека е „недетектабилно“. Тоа исто така значи дека не може да го пренесат ХИВ на други луѓе. Сепак, тоа никако не значи дека се излечени бидејќи вирусот е сѐ уште присутен во нивното тело.

Дали немањето симптоми значи дека сте излечени?

Не. ХИВ може да постои во телото без да покаже никакви симптоми до 10 или 15 години. Така што можете да го имате вирусот некое време и да се чувствувате добро. Доколку сте на терапија и немате никакви симптоми, тогаш вашата терапија работи на одржување на вашиот имунолошки систем јак. Само со терапија ќе останете здрави.

Споделете на...