ХИВ може да го инфицира нашето тело кога одредени телесни течности од лице со ХИВ влезат во нашиот крвоток. Тоа може да се случи преку: незаштитен секс (без кондом), делење игли или шприцови и бременост, пораѓање или доење.
Кој дел од телото се инфицира со ХИВ?
ХИВ го инфицира нашиот имунолошки систем чија функција е да спречи да се разболиме. ХИВ инфицира еден вид бели крвни зрнца во нашиот имунолошки систем што се наредуваат CD4 клетки. Овие клетки нѐ одржуваат здрави борејќи се против инфекции и болести. Сепак, ХИВ се крие во овие клетки, измамувајќи го телото така што имунолошкиот систем не може да го пронајде и уништи.
Како се шири ХИВ низ телото?
ХИВ не може сам да се репродуцира, па мора да влезе во овие клетки за да може да направи копии од себе. Прво, вирусот се прикачува на CD4 клетка и се спојува со неа. Потоа ја презема контролата врз ДНК на клетката, прави копии од себе во клетката и на крајот ослободува повеќе ХИВ во крвта. ХИВ ќе продолжи да се размножува и да се шири низ телото. Тоа е процес што се нарекува животен циклус на ХИВ.
Какво влијание има ХИВ врз телото?
ХИВ ја ослабува природната одбрана на телото и со текот на времето го оштетува имунолошкиот систем. Влијанието на ХИВ врз телото зависи од општата здравствена состојба на лицето, вклучително: колку брзо се дијагностицира, колку брзо започне со антиретровирусна терапија, колку редовно зема терапијата и колку добро внимава на своето здравје. Некои луѓе ќе манифестираат симптоми, а некои не.
Како терапијата спречува ХИВ да прерасне во СИДА?
Антиретровирусната терапија за ХИВ вклучува неколку различни видови на лекови. Секој еден од овие лекови е насочен кон различна фаза од животниот циклус на ХИВ. Тоа значи дека борбата со ХИВ се одвива на повеќе фронтови. Ако се зема правилно, терапијата го одржува имунолошкиот систем здрав и спречува болести.